Кон „Урбани легенди“ од Васко Марковски

Кон „Урбани легенди“ од Васко Марковски

Тој е неуморен и педантен хроничар на убавите нешта. Таа посветеност на бележењето, на белешките, на от­кривањето на приказните, не е собрана само со го­ле­мото новинарско искуство низ многуте познати ме­диуми и редакции (Република, Life Магазин, Free Time Guide – Macedonia, Форум, Шпиц, Вечер, Ма­ке­донско радио), туку е и негова даденост како човек. Тоа е негов нарав, оти не може секој да гледа и да сака да гледа убавини насекаде.
Тешко, речиси едвај, можам да се сетам на некој не­гов текст од дневното новинарство, од некое оп­штествено-политичко случување, извештај од не­кој настан, иако ги имало и такви, но затоа, пак, со за­доволство ги паметам неговите репортажи за мно­гу места низ Македонија (серијалот Непозната Ма­ке­донија, за кој ја доби наградата The Best Pro­mo­ter of Macedonia во 2011), Хаику дневникот или Урбаните легенди, а потоа и хаику-збирката Кор­поративно ут­ро. Ги паметам затоа што беа, верувам не само за мене, одлично бегство од реалноста и секојдневието. Многу често, читајќи ги неговите текстови имав/имам чувство на жалење – дека не сум била на местата на кои бил Васко, или, пак, дека сум испуштила некој детаљ што тој умесно го запишал.
Тој има еден специфичен и препознатлив стил во сѐ што прави, а тоа е прецизното градење приказна со што повеќе детали, со што повеќе информации, од повеќе страни. Новинарот во него оди кон изворот. Во Урбаните легенди, тоа се, најчесто, изјави од главните херои на приказните, од основачите на одредени клубови, места, сопствениците на дуќани и сл., но не го мрзи да побара и соговорник повеќе, од кого ќе добие уште повеќе информации, повеќе детали, повеќе материјал за филигрански напишаните „Легенди“. Токму затоа ми се чини дека во сѐ што со душа создава, најблиска му е репортажата, таа кралица на журналистиката.
Колкумина би се помачиле да ја напишат приказната за познатата марка автобуси „Лејланд“ или да најдат сеќавања за местата и објектите што ги нема (пр. Мичуринскиот оџак или Коцка), а притоа да не се ште­дат себеси, своето време и зборови за да ја доловат сликата на тие семантички урбани артефакти? Во не­говите текстови се зборува за Скопје, за неговите под­вижни сцени, за еден град како патувачки театар, за места на кои се дискутираат нови нешта, за луѓе што се алхемичари на социјалното живеење. Овие нешта ги нема во ниту еден туристички водич, на ниту една мапа, а Васко ги бележи со голема љубопитност и ги запишува со перо на одличен раскажувач, полн со знаење, но и со огромна почит кон секој лик, личност, соговорник, пријател на легендите за кои пишува. Тој точно ќе каже што од каде презел, кој и како му кажал, кој каде го упатил, а тоа се должи на едно чесно работење, на еден еснаф, што сѐ поретко го има во нашето општество.
Го замислувам Васко како овие приказни им ги рас­кажува и на туристите што за првпат доаѓаат во Скопје и верувам дека на турски или на англиски јазик звучат подеднакво возбудливо како и на македонски. Сакам да сум меѓу таа група, или барем меѓу нив да ги пуштам и моите пријатели што сакам да знаат за транзициско Скопје, градот на „гордите жени и строгите парфеми“, градот на пост-ју културата, на подемот, згаснувањето и трансформациите на Чаршијата. Сакам да ги знаат и да ги знаеме местата што се дел од колективната меморија на овој град или што би можеле да бидат дел од прашањата за квизот „Дали си од Скопје“?
Зад сиве овие записи нема ни трошка ароганција, никаков елитизам, туку, напротив, очи на добар поз­навач на градот со сите мани, а пред сѐ сите доблести. Тој ги познава или се потрудил да ги запознае, директно или индиректно, преку сведоштва, сите култни ликови што значеле култура на ова место, оти Градот, нели, се секогаш луѓето. Музичари, кафанџии, архитекти, дизајнери, улични забавувачи, луѓе од јавната сцена, од пред рефлекторите, но и зад нив, од зад сцената, а важни колку и оние што се напред, сите се урбани легенди, херои или, според Васко, добри духови и ангели на овој град.
Урбаните легенди како записи излегуваа меѓу 2010-2011 во неделникот „Форум“, а книгата – во оваа 2018 година. Ова е едно „снамќорено време“ (термин на Васко) во кое тие нѐ потсетуваат на ентузијазмот со кој некогаш дишел овој град. Многумина од хероите на овие приказни денес се во 6-та или 7-та деценија од животот, а низ своите искажувања, но пред сѐ во својот начин на живот, го имаат ентузијазмот, за кој веќе не сум сигурна дека е препознатлив за Скопје.
Текстовите или „Легендите“ на Васко се легенди и по­ради тоа што пишуваат за едни времиња кога Господ одел по земјата, а хероите во нив, слично на Дон Кихот и Санчо Панса, се бореле со ветерници. Борбата не била лесна, но токму овој голем, а мал град, за нив бил „место за дружење со луѓе обединети околу една идеја, водени од желбата да го променат светот, да го направат поправеден простор за дружење, за размена на музика и идеи; точка и марка што останува обележана во менталните мапи на многу луѓе.“ (од „Коцка“).
Денес ми се чини дека Скопје е многу поблиску до дефиницијата што ја дава Зоки Панкер, познат угос­тител и, секако, урбана скопска легенда: „На врата ти доаѓаат напнати луѓе, без став во животот – вчера биле на Цеца, денес одат на транс-журка, утре сакаат да влезат во Балет.“ (од „Зоки Панкер“).
Да се вратиме на заразниот оптимизам, ентузијазмот и вродената желба на Васко да се гледаат и да се бележат убавите нешта. Тој пишува, зборува и шета низ Скопје на мирисите, на идеите, на спомените и на музиката. Многу музика. Добра музика. Урбани легенди се и добра предлошка за музичка историја на овој град. Во неа се споменуваат луѓето и местата што го диктирале урбаниот музички вкус, а тој бил одличен. Панкерите се на Коцка, рокерите се насекаде, а ако не ги гледате, Васко ви ги открива и покажува, пријателски ве запознава со нив. Хипиците се живи и нивните идеи исто така. Кичот и шундот се далеку од младите генерации, а главните протагонисти тука имаат огромна заслуга за тоа.
Авторот на „Урбани легенди“, и самиот музичар, верува во она што во оваа книга најдобро ќе го дефинира познатата дизајнерка Лидија Георгиева: „Нам ни бе­ше позната само креацијата, пријателството, љу­бов­та, откривањето на светот и новиот бран. Не се за­нимававме со пари, кариера, ниту, пак, калкулантски размислувавме за тоа што ќе студираме и колку исплатливо ќе ни биде тоа во иднина. За нас, идејата да го смениме светот не беше старо клише. Ние се­риозно тоа го мислевме. На денешниве генерации им е потешко.“ (од „Лидија Георгиева“)
Не знам како им е на денешните генерации, но се радувам што пред нив, или барем пред пољубопитните осамнуваат Урбаните легенди, книга што треба да ја имаат скопјани, нивните гости, туристите и патниците-намерници. Оваа книга го штити убавото Скопје од заборав. Вакво Скопје сакам да им покажам на моите пријатели, па и на моите деца, и ако не е можно, сакам да ги знаат темелите на кои Скопје треба да се развива. Книгата нѐ потсетува и на уште нешто многу важно, нешто на што сите заборавивме – меѓусебното почитување и искреното воодушевување.
Урбани легенди е дело на талкач, музичар, љубопитник, еснаф-човек и комшија со кого сакате да имате онаква порта „комши-капиџик“.

Александра Јуруковска