Почитуван Јосиф Висарионович,
Авторот на ова писмо, осуден на највисока казна, Ви се обраќа со молба за замена на оваа казна со друга.
Моето име Ви е веројатно познато. За мене, како писател, смртната казна претставува лишување од можноста да пишувам, а околностите се такви што јас не можам да продолжам со својата работа, бидејќи никакво творештво не е замисливо во атмосфера на систематична хајка, која се засилува од година в година.
Воопшто немам намера да се претставам како олицетворение на навредената невиност. Знам дека меѓу делата што ги напишав во првите 3-4 години по револуцијата, имаше нешта кои би можеле да бидат повод за напади. Знам дека имам многу незгодна навика да го кажувам она што ми се чини вистинито, наместо она што во даден момент е погодно. Поточно, јас никогаш не сум го криел својот однос кон книжевното арамолепство, сервилноста и камелеонството: сметав и сè уште сметам дека тоа подеднакво ги понижува и писателот и револуцијата. Своевремено, токму ова прашање, во остра и за многумина навредлива форма поставено во една моја статија (Дом искусств, No. 1,1920), беше сигнал за почеток на кампања против мене во весниците и во списанијата.
Таа кампања трае сè до денес по различни основи и најпосле доведе до она што би го нарекол фетишизам: како што некогаш христијаните го создале ѓаволот за позгодно олицетворение на сето зло, така критиката направи од мене ѓавол на советската книжевност. Плукањето по ѓаволот се смета за добро дело, па секој плукаше како што умееше. Во секое мое издадено дело бездруго се бараше некаква ѓаволска замисла. За да ја откријат, не се стеснуваа да ме наградат дури и со пророчки дар: така, во една моја приказна („Бог“), испечатена во списанието Летопис уште во 1916 година, некој критичар успеал да открие… „предавство на револуцијата во врска со преминот кон НЕП“; во расказот „Монахот Еразмо“, напишан во 1920 година, друг критичар (Машбиц-Веров) забележал „алегорија за опаметувањето на водачите по НЕП“. Независно од содржината на делото, само мојот потпис стана доволен за да се прогласи тоа дело за криминално. Неодамна, во март оваа година, Ленинградската обласна управа за книжевност и издаваштво презеде мерки кон расчистување на секој сомнеж околу ова: за издавачката куќа Академија ја редактирав комедијата на Шеридан „Училиште за сплетки“ и напишав статија за неговиот живот и творештво. Се разбира, никаква сплетка од моја страна немаше и не можеше да има таму. И покрај тоа, Обласната управа за книжевност и издаваштво не само што ја забрани статијата, туку ѝ забрани и на издавачката куќа да го споменува моето име како редактор на преводот. Дури по мојата жалба во Москва – откако Главната управа за книжевност и издаваштво очигледно порача дека не треба да се дејствува со таква наивна отвореност – беше дозволено да се испечати статијата, па дури и моето криминално име.
Го наведов овој факт бидејќи тој го прикажува односот кон мене разголено, така да се рече – хемиски чисто. Од опширната колекција, овде ќе наведам уште еден факт поврзан не со некоја случајна статија, туку со една обемна драма над којашто работев речиси три години. Бев убеден дека оваа моја драма – трагедијата „Атила“ – најпосле ќе ги замолчи оние што се трудеа од мене да направат мракобесник. Ми се чинеше дека ги имам сите причини за таквата увереност. Драмата беше прочитана на заседението на Уметничкот совет на ленинградскиот Голем драмски театар. На заседанието присуствуваа претставници на 18 ленинградски фабрики и еве извадоци од нивните коментари (цитирани според записникот од заседанието на 15 мај 1928).
Претставникот на фабриката Володарски: „Ова е драма на современ автор кој ја третира темата на класната борба во древните векови, созвучна со современоста… Драмата е идеолошки сосема приемлива… Создава силен впечаток и го негира укорот дека современата драматургија не исплодува добри драми…“
Претставникот на фабриката Ленин, забележувајќи го револуционерниот карактер на драмата, смета дека „според своите уметнички вредности, драмата потсетува на шекспировите дела… Трагична, исполнета со дејство и ќе биде многу привлечна за гледачот“.
Претставникот на Хидромеханичката фабрика ги смета „сите моменти во драмата за исклучително силни и импресивни“ и препорачува нејзиното поставување да се помести на јубилејот на театарот.
Да речеме дека другарите работници претерале во однос на Шекспир, но, во секој случај, Максим Горки напиша дека ја смета за „високо вредна во книжевна и општествена смисла“, а нејзиниот „херојски тон и херојското сиже како исклучително полезни за нашето време“. Поставката на драмата беше прифатена од театарот и одобрена од Народниот комесаријат за просвета, а потоа… Прикажана на работниот гледач кој ја награди со таква оцена? Не, потоа пиесата, веќе дополу извежбана, веќе објавена на плакатите, беше забранета по барање на Ленинградската обласна управа за книжевност и издаваштво.
Гибелта на мојата трагедија „Атила“ беше вистинска трагедија за мене. По ова, бесполезноста на сите обиди да се промени мојата положба ми стана совршено јасна, особено со оглед на познатата анегдота со мојот роман „Ние“ и „Црвено дрво“ на Пилњак, која се одигра скоро потоа. Кога се работи за истребување на ѓаволот, се разбира, дозволива е каква било клевета – романот, напишан пред девет години, во 1920, беше поднесен заедно со „Црвено дрво“ како мое последно, ново дело. Беше организирана хајка дотогаш невидена во советската книжевност, забележана дури и во западниот печат: беше направено сè за да ми се затвори секоја можност за понатамошна работа. Од мене почнаа да се плашат моите довчерашни другари, издавачки куќи, театри. Беше забрането да се издаваат моите книги во библиотеките. Мојата драма „Болва“, која со неизмерен успех беше прикажувана четири сезони на втората сцена при Московскиот уметнички театар, беше симната од репертоарот. Печатењето на моите собрани дела во издание на Федерација беше запрено. Секоја издавачка куќа која се обидуваше да ги издава моите дела веднаш беше ставена под силен притисок, како што тоа го доживеаа Федерација и Земја и фабрика, а особено Издаваштвото на ленинградските писатели. Последната издавачка куќа уште цела една година ризикуваше да ме задржи меѓу членовите на раководството, осмелуваји се да го корисити моето литературно искуство, доверуваќи ми на стилистичка редакција дела на млади пистатели, вклучително и комунисти. Пролетта оваа година одделението на Руската асоцијација на пролетерски писатели успеа да ме исклучи од раководството и да ја запре оваа моја работа. Литературна газета триумфално извести за ова, совршено недвосмислено додавајќи: „издавачката куќа треба да се зачува, но не за Замјатинците“. Последната врата кон читателот му беше затворена на Замјатин: беше објавена смртната казна за авторот.
Во советскиот кривичен законик, втора по тежина казна, по смртната, е иселувањето на престапникот од територијата на земјата. Ако навистина сум престапник и заслужувам казна, тогаш сепак мислам дека не заслужувам толку тешка казна колку што е книжевната смрт. Затоа замолувам оваа казна да ми биде заменета со иселување од територијата на СССР со право жена ми да ме придружува. Ако, пак, не сум престапник, замолувам да ми се дозволи привремено, барем на една година, да заминам во странство заедно со жена ми – со тоа што би можел да се вратам назад дури кога кај нас ќе стане возможно во книжевноста да им се служи на големите идеи без сервилност кон малите луѓе, кога барем делумно ќе се промени разбирањето на улогата на уметникот на зборот. А убеден сум дека тоа време е блиску, бидејќи по успешното создавање на материјалната база неминовно ќе се отвори прашањето за потребата од создавање на надградбата – уметноста и книжевноста кои би ѝ биле вистински достојни на револуцијата.
Знам дека и во странство нема да ми биде воопшто лесно, бидејќи не можам да бидам дел од реакционерниот камп таму – за тоа доволно убедливо говори моето минато (припадноста на болшевичката струја во Руската социјалдемократска работничка партија во царското време, одлежаниот затвор, двократната депортација, судскиот процес за време на војната поради антимилитаристичка повест). Ако овде ме нарекоа десничар поради мојата навика да пишувам според својата совест а не според нечија команда, знам дека таму, порано или подоцна, поради истата причина ќе ме наречат болшевик. Но, дури и при најтешки услови, таму нема да бидам приморан да молчам, туку ќе бидам во состојба да пишувам и објавувам – иако можеби не на руски. Доколку околностите ме доведат до неможност (се надевам привремена) да бидам руски писател, можеби ќе успеам, како што успеал Џозеф Конрад, привремено да станам англиски писател, дотолку повеќе што веќе пишував за Англија на руски (сатиричната повест „Островјани“ и др.), а пишувањето на англиски не ми е многу потешко од руски. Илија Еренбург, останувајќи советски писател, одамна работи претежно за европската книжевност – преведувајќи на странски јазици: зошто она што му е дозволено на Еренбург да не ми биде дозволено и мене? И попатно овде ќе споменам уште едно име: Б. Пилњак. Тој ја делеше со мене улогата на ѓавол, беше главна мета за критиката и како одмор од таа хајка му беше дозволено патување во странство. Зошто она што му е дозволено на Пилњак не може да ми биде дозволено и мене?
Својата молба за заминување во странство можев да ја засновам и на повообичаени мотиви, иако не помалку сериозни: за да се ослободам од дамнешната хронична болест (колитис) морам да се лекувам во странство; за да поставам на сцена две мои драми преведени на англиски и италијански („Болва“ и „Друштвото на почесни ѕвонари“, веќе поставени во советските театри) повторно ќе морам да бидам во странство; покрај тоа, претпоставеното поставување на сцена на овие пиеси ќе ми овозможи и да не го обременувам Народниот комесаријат за финансии со издавање девизи. Сите овие мотиви се реални, но не сакам да кријам дека основната причина за мојата молба за дозвола да заминам во странство со жена ми е мојата безизлезна положба овде како писател, смртната казна што ми е доделена овде како писател.
Исклучителното внимание што им го имате посветено на писателите кои Ви се обратиле со молба ми влева надеж дека и мојата молба ќе биде одобрена.
Јуни, 1931 г.
Оригиналниот текст е достапен овде.
Во книжарниците можете да ја најдете луцидната повест „Џенем“, едно од најраните дела (1914) на рускиот и советски еретик Евгениј Замјатин, во издание на Бегемот.