Данило Коцевски - Ако го сакаш Скопје - дојди, ќе те чекам на кејот

Данило Коцевски - Ако го сакаш Скопје - дојди, ќе те чекам на кејот

М

оето пишување за Скопје нема и не може да има крај. А знаете ли зошто? Затоа што неговата историја е богата, неисцрпна, бескрајна. Ако таа историја беше мала, јас одамна ќе завршев со пишување. Не можам патувањето да го завршам ни сега, а веројатно ќе има луѓе што ќе ме наследат.

Данило Коцевски

Хроничар на нашето Скопје

[…] Осамениот шетач Коцевски со овој ракопис оживува места и слики од речиси сите простори на урбаното живеење во Скопската котлина, низ различни историски периоди, во мирновременска и во воена состојба, приредувајќи му на читателот најразлични фотографски визури кон некогашните епизоди од патешествијата на местата низ кои денес чекориме, панорамски поглед над градот од минатите векови, макрофотографија врз рацете на занаетчијата, реконструкција на настанот од фотографија со карваните со камили, кои ги носат производите од Старата чаршија дури до Египет и Индија; првите организирани прошетки за запознавање со културното наследство на Скопје; премиерната претстава при отворањето на Младинскиот театар, спектакуларното надлетување на зградата кај „Југодрво“ од пилот чија љубовница живеела таму, но и поетски слики, кои ни го доловуваат некогашното гнездо на љубовта – скопскиот кеј, како во стиховите на денес заборавениот поет, Васил Икономов, од кои е извлечен насловот на изданието. […] Овековечени се разновременски патувачи што поминале низ него, но и денес живи градски енциклопедии, резервоари на информации и сеќавања, што ја прават книгата „Ако го сакаш Скопје – дојди, ќе те чекам на кејот“ од Данило Коцевски драгоцено надоврзување на неговиот неповторлив придонес кон хрониките на градот Скопје.

Васко Марковски

Поет, патеписец и туристички водич

 

Број на страници: 259

Едиција: Плочка| Формат: 205 x 205 мек повез

Извадок од книгата

 

Нарачај дома

 

Данило Коцевски (1947–2020)

Данило Коцевски (1947–2020) основно, средно и високо образование завршил во Скопје, каде што дипломирал на Филозофскиот факултет. Како стипендист на Француската влада, една учебна година престојувал на Универзитетот во Бордо на Факултетот за книживности, каде што ја истражувал француската книжевност, особено книжевната критика и теоријата. Во Скопје бил асистент на Факултетот на интердисциплинарните студии по новинарство, каде што ги водел вежбите по предметот практика и теорија на новинарството. Бил претседател на Советот на „Рациновите средби“ во Велес, а во периодот од 2008 до 2012 година година бил и директор на светската манифестација „Струшки вечери на поезијата“. Првото професионално вработување му било во весникот „Млад борец“ веднаш по завршувањето на гимназијата. Во 1973 година се префрлил во културната рубрика во МРТВ, тогашната Радиотелевизија Скопје, каде што уредувал емисии од областа на културата, особено на издаваштвото и претставувањето на новите изданија. Истата година станува член на Друштвото на писателите на Македонија. Бил еден од иницијаторите за основањето на Институтот за македонска литература, заедно со Георги Сталев, Слободан Мицковиќ и Душко Наневски. Во 1982 г. е назначен за главен и одговорен уредник на едно од нашите најзначајни списанија за култура и литература „Разгледи“. Во текот на 90-тите години, заедно со група еминентни македонски писатели, го основал „Здружението на независните писатели на Македонија“. Познат е и како хроничар на градот Скопје, со неколку издадени книги и повеќе документарни и телевизиски емисии посветени на градот. Коавтор е на популарната телевизиска серија „Досие Скопје“ (2000 г.), а неговите бројни колумни за Скопје во периодиката стекнаа голема популарност и читаност. Со својата пасионирана дејност за градот, Коцевски спаси од заборавот стотици легенди, анегдоти и куриозитети поврзани со значајни настани и личности од историјата на македонската метропола и притоа самиот се вгради како една од скопските легенди. Досега има објавено околу триесетина дела од најразлични жанрови. Имено, Данило Коцевски, по својата долгогодишна критичко-теориска активност во 70-тите и 80-тите години, во 1989 година ја објави критичката книга „Поетиката на постмодернизмот“, прва од ваков вид во нашата критичко-теориска методологија и на тој начин, уште еднаш го потврди својот неприкосновен книжевен талент. Веднаш потоа ги објави кратките прози „Патување за Аркашон» и романот „Одисеј“, кој доби „Рациновото признание“ за најдобар роман во 1991 година. Објавил и неколку драмски текстови од кои некои се наградени со „Еразмо Ротердамски“ на конкурсот на МНТ 1999 г., а за улогата на Ештро во неговата драма „Од првиот здив“ (1995), артистот на „Драмскиот театар“, Диме Илиев, ја доби наградата „Ристо Шишков“ на театарскиот фестивал во Струмица. Добитник е на еминентни признанија од областа на книжевноста и публицистиката, a негови текстови се преведени на неколку светски јазици и се застапени во антологии. Дел од неговата библиографија: Книги од книжевната критика и теорија: „Да и Не“, Култура, 1981 г.; „За новите тенденции“, Наша книга, 1984 г.; „Сепак се движи“, Македонска книга, 1985 г.; „Критиката како заблуда“, Македонска книга,1986 г.; „Поетиката на постмодернизмот“, Култура, 1989 г.; „Антиномиите на критиката“, Мисла, 1992 г.; „Модерно и постмодерно“, Македонска книга, 1993 г.; „Нови есеи“, „Наша книга“, 2001; „Патишта на критиката“, Макавеј, 2009; и др. Романи: „Одисеј“, Култура, 1991 г.; „Ќе оди­ме ли кај Џо“, Детска радост, 1992 г.; „Јусти­нијана, градот кој го нема“, Култура, 1999 г.; „Роман за Ное“, Слово, 2003 г.; „Пиколомини пред портите на Скопје“, Три, 2005 г. Поезија: „Каде се раѓа песната“, Детска радост, 1992 г.; „Поетовата смрт“, Култура, 1995 г.; Драми: „Мистер Бекет“ („Од првиот здив“), изведена во Драмскиот театар во 1995 годи­на, награда „Ристо Шишков“ за артистот Диме Илиев истата година; „Еразмо Ротердамски“, награда на конкурсот на МНТ за драм­ски текст; „Кабаре Скопје“, кабаретска прет­става за некогашно и современо Скопје, изведена во МКЦ 2002 година, во продукција на Дирекцијата за култура и уметност… Книги за Скопје: „Патување за Аркашон“, Мисла, 1989 г.; „Магијата на Скопје“, Дирекција за култура и уметност, 1996 г.; „Го сакам Скопје“, Дирекција за култура и уметност, 2000 г.; „Чај од јужните мориња“, Магор, 2006; „Скопски легенди“, Дирекција за култура и уметност, 2017; „Ако го сакаш Скопје – дојди, ќе те чекам на кејот“, Бегемот, 2022. Книжевна критика и теорија: „Пикасо го изеде јаболкото, а тоа му рече благодарам“, Макавеј, 2018; „За книжевноста до последен здив“, Галикул, 2016; „Побуна на интелектуалците“, Улис 2004; „Интелектуалци, политика, култура“, Бегемот, 2021.

Препорачај ја книгата