Прашање: Што имате да кажете?
Одговор: Ништо посебно.
Прашање: На пример… што?
Одговор: Од кај да знам.
Прашање: ?
Одговор: Готово! Може да почнеме. Почетоков е само онака, заради внимателност. За да не се очекува од мене нешто премногу блескаво. Претпоставувам дека на оваа мала сцена во „Die Welt“, каде што писателот самиот себеси се исповедува, многумина колеги веќе стигнале да блеснат… ете, јас претпочитам да не блескам покрај блесокот на другите. Јас претпочитам да блескам кога е темно. Па, ќе си направиме обично интервју, без огномети и арабески, без претенциозност.
Прашање: Последниве месеци во Германија се појавија три Ваши книги. Најпрвин, да поразговараме за „Berliner Notizen“[1]. Да потсетиме во неколку збора за околностите за тоа прашање. „Фондацијата Форд“ Ве покани во Берлин на годишен престој. Ги објавувате своите впечатоци најпрвин во „Култура“, потоа во книга под наслов „Berliner Notizen“. Книгата предизвикува многу спротивни реакции на германскиот печат, некои дури мошне непријателски. Доволно е да се погледнат насловите: во „Die Zeit“ – „Ein Exot in der deutschen Wohnküche“[2], во „München Merkur“ – „Klecks in Berliner Gästenbuch“[3], во „Der Spiegel“– „Dieses Glitzerding“[4]. Што имате да кажете за ова?
Одговор: Да, некои Германци се почувствуваа погодени. Но, јас го напишав тоа за да ги погодам Германците.
Прашање: Да ги погодите?
Одговор: Да, писателот мора да погодува. Тоа исто како во љубовта: треба да се пробиете до живо тело преку облека.
Прашање: Но, како го објаснувате тоа дека Вашиот допир за едни Германци стана милување, а за други штипнување?
Одговор: Тоа е тешкотија со мошне начелна природа и не може да се избегне. Затоа што сум некој и нешто; затоа што сум некој многу жеден за облик, за најизразит облик… па, јас сум и некој агресивен… и имам непријатели што ме мразат, не, тоа е премногу силно, што не ме поднесуваат, што ги дразнам… бидејќи самото мое постоење го поткопува нивното постоење. Тоа е духовна борба за опстанок, стара колку светот. Госпоѓа Остеркамп напиша дека јас сум личност extrême, поради што мојот дневник е прифатил во целина или е неприфатлив во целина. Добро. Не сум поборник за млаки супички.
Прашање: Но, бевте гостин во Берлин. Зар тоа не обврзува?
Одговор: Не. Почитуваната книжевност, пред сѐ, мора да бара да ја сфаќаат сериозно. Јас во Берлин не бев гостин, туку нешто многу пострашно, поочајно, помоќно, бев јас, свое сопствено постоење и сопствена драма. Каков гостин! Драма! Егзистенција! Борба со судбината! Денеска, во времето на лесни патувања, писателот сѐ повеќе станува нешто од типот на културен трговски патник. Не. Мене никој нема да ме увезува, како кесичка слатки бонбони. Многу се извинувам, јас сум Дух. Дух, нормално, колку што може, добро воспитан (имам впечаток дека во тој поглед ништо не може да им се забележи на „Berliner Notizen“), но сепак дух.
Прашање: Хм… треба да се признае дека Вашите опоненти прашањето го сфаќаат помалку патетично, а повеќе практично. Очигледно Ви било давано на знаење дека за солидна сума во долари, примена од Фондацијата Форд, би можеле да бидете малку… посрдечен со перото…
Одговор: Hélas[5]! Тој аргумент исто така беше изнесен. Се плашам дека од страна на тие опоненти тоа не беше ни многу праведно ни многу елегантно. Фондацијата не им поставуваше никакви услови на поканетите уметници: дојдете, поседете во Берлин, правете што сакате, никој од вас не очекува ништо. Па, ако го напишав тој берлински дневник, тоа не е затоа што бев поканет, туку затоа што веќе со години пишувам дневник секаде каде што сум… Во Буенос Аирес, во Париз, во Берлин… Но, правам неумесност бранејќи се премногу опширно од приговори. Би можело да се чини дека „Berliner Notizen“ предизвикаа голем скандал, меѓутоа до мене допреа многу повеќе срдечно наклонети и искрено пријателски гласови.
Прашање: Веројатно никој не ја изрази таа наклонетост на некои Германци подобро од Карл Корн во „Frankfurter Allgemeine Zeitung“. Еве го завршетокот на неговата статија: „Гомбрович извлекол што можело од својата улога на гостин. Се решил на тоа најголемо мајсторство навистина да биде свој… Денеска за Германците се молчи. Овој Полјак го прекина молкот. Даде до знаење дека – сакал или не сакал – ние сме негов проблем. Тој стана наш проблем, сакаме ние или не“. Што ќе речете на ова?
Одговор: Дека тука се изразува една денеска многу битна потреба на германската душа. Тука Германецот бара од странецот слобода, искреност, а особено сувереност, бидејќи знае дека без тоа самиот тој не би можел да биде слободен, искрен, суверен спрема странецот. Спрема странецот или спрема светот. Спрема светот или спрема самиот себе.
Прашање: А што бараат Вашите критичари?
Одговор: Тие би сакале повеќе… почит… Дозволете ми да го изразам своето скромно мислење: таа противречност во тенденциите на германската душа ќе се продлабочи сразмерно со растењето… на комфорот. Материјалниот комфор, но уште повеќе на духовниот. За волја на вистина, двата одат во пар.
Прашање: Да преминеме на Вашата следна книга што неодамна се појави, „Aus dem Tagebuch des Witold Gombrowicz“[6], популарно издание на Вашиот дневник од годините 1953–1956.
Одговор: Ако треба во овој миг да им дадам на моите сотворци, т.е. на моите читатели (зашто да се чита не е помалку креативно одошто да се пишува), некаков најважен совет, би рекол: не олеснувајте си ја задачата со тоа дека „тој тоа така заради парадокс“, или „од инает“, или „за да се задева“. Парадокси, поигрување, запрепастување… не, тоа веќе не е за нас, тоа веќе здодеа, тоа беше добро кога уште можеше да се подрива невиноста на чесната буржоазија. Обидете се да ми поверувате и ќе видите како тие мои чудаштва и поигрувања ќе почнат да ви се соединуваат во целина, органска и способна за живот. Во мене извештаченоста е тоа што ја олеснува искреноста, шегата води до сериозност, тврдоглавоста до вистината. Обидете се да ме опфатите најдлабоко. Чесен збор, јас ќе ги исполнам очекувањата!
Прашање: А што би кажале за „Indizien“ („Космос“), Вашиот последен роман? Веќе е во книжарниците.
Одговор: Не ги сакам тие породувања… Тоа е непријатно…
Прашање: А што? Не сте сигурен за тоа дело?
Одговор: Ништо не знам. Тоа е уште жешко, само што беше објавено на полски и на германски, во Франција ќе се појави деновиве. Не, не дека се плашам… не сакам… Сите мои породувања се тешки, сложени… Околу секоја моја книга најпрвин се создава нешто како темнина, заситена со лесна недоумица. Моите пријатели се загрижени, честопати засрамени. Јас се трудам што помалку да знам за тоа, ми се случува дури по неколку месеци да фатам да ги прегледувам исечоците од весници што ми ги испратиле. Уште никогаш не сум гледал ниту една од моите пиеси во театар. До таа мера претпочитам да не мислам на тоа, што речиси секогаш го пропуштам датумот на премиерите и дури некоја неочекувана телеграма ме враќа во реалноста.
Прашање: Кој е Вашиот последен збор?
Одговор: Пријатели! Дозволете ми, по сила на исклучок, да се позанимавам со нешто друго одошто со тоа што самиот се занимавам: со Европа. Ме возбудува називот „Европа“, толку е пошироко од „Германија“, „Полска“, „Франција“, полн со растечка енергија. Но, подемот на европските техничари ни најмалку не го придружува подемот на европските хуманисти… зарем духот на Европа се впил во машината? Што се случи што сѐ нам, хуманистите, сѐ повеќе ни млитави, музиката се раситнува, поезијата венее, книжевност станува страшно здодевна. Да, несомнено, европската свест веќе двесте години се наоѓа под знак на редукција: Кант, Маркс, или Хусерл, или Хајдегер, тоа во Германија се постепените фази на тоа внимателно ограничување на својот дух. Но, деградацијата на теренот на уметноста и книжевноста нема ништо заедничко со тој процес, чија сериозност не може да се доведе до сомнение. Каков крах! Страшна глупост нѐ мачи во сѐ што ќе допреме, во нашиот начин на творење (кое стана церебрално и одбивно), во нашето зборување за уметноста (премногу се зборува), во сите механизми на тој наш мал уметнички свет, на таа гигантска машинерија составена од сто илјади доктори, доценти, интерпретатори, глосатори, кои ја исцицуваат бледата крв од анемичните тела на десетици илјади творци што станале обични. Што се случува? Каде исчезнаа од нашата уметничка кујна прекрасните, крвави, опојни бифтеци, како Гете, Бетовен? Како да се постигне уметноста да престане да биде израз на нашата просечност, а повторно да стане израз на нашата величина, убавина, поезија? Еве ја мојата програма: ПРВО, најболно што може да се свести за нашето млитавење. ВТОРО, да ги отфрли сите естетски теории, произведени во текот на последните педесет години, што скришум тежнеат кон слабеење на личноста; целиот тој период е затруен со стремежот за нивелација на вредностите и луѓето, марш одовде! ТРЕТО, откако ќе ги отфрли теориите, да се насочи спрема луѓето, спрема големите личности на минатото време и во сојуз со нив, во нашите сопствени личности да ги пронајде вечните извори на полетот, инспирацијата, полетот и шармот. Бидејќи нема демократија во која не би бил достижен некаков вид аристократија, некаков вид возвишеност. Dixi[7]. Ја користам приликата срдечно да ја поздравам госпоѓицата Хана Гарте од Сарбрикен.
[1] (герм.) Германски белешки. [2] (герм). Ексцентрик во германска кујна. [3] (герм.) Дамка во германската книга за гости. [4] (герм.) Тој болскот. [5] (фр.) За жал! [6] (герм.) Од дневникот на Витолд Гомбрович. [7] (лат.) Како што кажав.
Превод од полски јазик: Филип Димевски
Број на страници: 597
Едиција: Перископ | Формат: 190 x 120 тврд повез
Витолд Гомбрович (1904–1969)
Витолд Гомбрович (1904–1969) – полски прозаист и драматург. Гомбрович се смета за еден од најголемите полски писатели во историјата на книжевноста. Специфика на неговото творештво е умешноста за длабока психолошка анализа на човекот, како заплеткана единка во психологијата на другите луѓе и во културното наследство, анализата на идентитетот на единката во интеракцијата со другите, како и своеобразното чувство за апсурдот и иконоборството што ги засегнува традиционалните вредности прифатени од страна на општеството. Својата слава ја доживува дури при крајот на животот, кога бил и помеѓу кандидатите за Нобеловата награда за литература (1966, 1968), но сепак не ја добива. Негови најпознати дела се: „Фердидурке“ (1938), „Транс-Атлантик“ (1953), „Порнографија“ (1960), „Космос“ (1965), „Дневник 1953–1969“ (1969).