то е дневникот ако не особено: приватно пишување, правено за лична употреба? Таа различна појдовна точка на дневникот го разликува од сите други видови – и тоа колку важен вид! Книжевноста има двојна смисла и двоен корен: се раѓа од чиста, уметничка контемплација, од некористољубив стремеж кон уметноста; но, исто така, е лична пресметка на авторот со луѓето, орудие на неговата борба за духовен бит. Тоа е нешто што созрева во осаменост, творење заради самото творење; но, исто така, е и друштвена работа, свое наметнување на луѓето, уште повеќе, јавно создавање на себеси со помош на луѓето. Произлегува од копнежот по Убавината, Доброто, Вистината; но, исто така е и жед за слава, значење, популарност, триумф. Писателскиот дневник, изразувајќи го другиот, личен аспект на книжевноста, е дополнение на чисто уметничкото дело. И полна слика за творештвото ќе добиеме дури кога ќе го согледаме авторот во овие две димензии: како несебичен, објективен уметник и како човек што се бори за себе меѓу луѓето.“ – Витолд Гомбрович, Дневник 1953-1958 „Дневник 1953–1958“ е првиот том од двотомните дневнички записи на Витолд Гомбрович. Исклучително дело што нема споредба во полската книжевност и што веќе повеќе од половина век не ја загубило својата актуелност. Од личните превирања на Витолд Гомбрович со целиот свет настанал дневник што ги преминува сите можни граници, што поведува премолчувани теми, на ироничен, циничен и сатиричен начин ги раскажува судбините на авторот, кој во дискусија со себе поведува дијалог како со разни струи што се појавуваат во хуманистиката (егзистенцијализмот, марксизмот, феноменологијата, структурализмот), така и со традицијата на полската култура. Опус магнум благодарејќи на кој Гомбрович стекнал светско признание.
Превод од полски јазик: Филип Димевски
Број на страници: 675
Едиција: Перископ | Формат: 190 x 120 тврд повез



Витолд Гомбрович (1904–1969)
Витолд Гомбрович (1904–1969) – полски прозаист и драматург. Гомбрович се смета за еден од најголемите полски писатели во историјата на книжевноста. Специфика на неговото творештво е умешноста за длабока психолошка анализа на човекот, како заплеткана единка во психологијата на другите луѓе и во културното наследство, анализата на идентитетот на единката во интеракцијата со другите, како и своеобразното чувство за апсурдот и иконоборството што ги засегнува традиционалните вредности прифатени од страна на општеството. Својата слава ја доживува дури при крајот на животот, кога бил и помеѓу кандидатите за Нобеловата награда за литература (1966, 1968), но сепак не ја добива. Негови најпознати дела се: „Фердидурке“ (1938), „Транс-Атлантик“ (1953), „Порнографија“ (1960), „Космос“ (1965), „Дневник 1953–1969“ (1969).
