екој град, во секоја генерација, има барем некој монашки посветен жител, кој не може да се помири меморијата за постоењето и опстојувањето на градот да не се пренесе на следните генерации, а тоа што ќе се дознае за градот, макар и патем чуено, а не било доволно познато, да не се сподели, јасно и надалеку, како од покривите, со вљубениците во топонимот со кој се идентификуваме. Скопје со децении го имаше Данило Коцевски, како посветен, љубопитен и тивок прибележувач, кој со природа на вистински џентлмен, беше со радост пресретнуван по улиците и со нестрпливост очекуван на неговите ќошиња во весниците. Преку него дознававме кој сè поминал и што сè запишал за градот; улиците и плочниците добиваа нови значења; луѓето што придонесувале за неговата препознатливост стануваа овековечени. Книгата „Ако го сакаш Скопје – дојди, ќе те чекам на кејот“ од Данило Коцевски е надоврзување на низата хроничарски записи за градот Скопје од перото на авторот што меѓу скопјани и читателите на дневните весници беше широко препознатлив под неговото второ име „осамениот шетач“. Ракописот опфаќа 84 написи, за првпат објавени во дневните весници, со кои како постхумно издание се заокружува колосалниот придонес на Данило Коцевски во хроничарското бележење на културната историја на Скопје и живеењето во градот, објавени за време на неговиот плоден авторски живот. Читајќи го ракописот, одново сме очи в очи со толкување на цивилизациското значење на посебностите на градот; вредносно премерување во поширокиот културолошки контекст на нештата од нашето опкружување – од локалниот, кон регионалниот и светскиот хоризонт; утврдување на координатите на градскиот артефакт низ призмата на историско-географските текови; сето тоа направено од шармантно перо, кое не заборава да ја набљудува и забележи нивната „употребна вредност“ и имплицирање во феномените на секојдневниот живот. Данило Коцевски тоа го прави во неговиот препознатлив стил на поет, љубопитен вљубеник во градот, со кротко перо, раскошност на мерилата, својствени за врвен интелектуалец и автор со изострен новинарски усет, стекнат уште во најраната креативна младост, како дел од културните редакции на некогашните кадровски врвно потковани печатени и електронски медиуми. Тематски, книгата е мозаик од личности што биле алки што ги поврзувале жителите на градот преку своите професии, занаети, уметности. Меѓу нив се присутни луѓе со различен општествен статус, од различни временски периоди, кои со своето живеење – општествено прифатено или отфрлено – оставиле печат на едно време во градот. Следејќи ја основната тема на секоја одделна приказна, патем се среќаваат детали што откриваат трагични љубовни приказни, сензационални настани што би биле ударна вест на денот („Во водите на Вардар, среде скопска плажа полна со капачи – се урна авион“), фрапантни информации за градското живеење во минатото („Скопје, познато како град на амамите, за кој патописците велеле дека ги имало над илјада, денес нема ниту еден.“), записи за модните трендови во градот („Париската мода била особено присутна во Скопје во периодот меѓу двете војни“), до попис на разните типови скопски фраери или на славните скокачи од мостовите на Вардар. Со перото на искусен литерат, реконструирани се и настани од подалечното минато, како животот во време на епидемија од чума и профитерството на одредени занаети во такво тешко време („Пиколомини и чумата во Скопје“). Креативниот немир на Данило е немир на рудар што трага по скапоцени камења во понорите на библиотеките, старинарниците и спомените на занаетчиите, трговците, градските боеми и подискретните современици. Си имаме работа со несуетен великан што со својата љубопитност знае да нурне и во делата на вљубеници во градот што од него учеле и секогаш ќе бидат со помалку години теренско и пишувачко искуство. Временскиот опсег на истражувањата го опфаќа очекуваниот праг на Скопје – пред и по земјотресот во 1963 година, но и многу пошироко, од византискиот и средновековниот период – не ретко во текстовите се среќаваат артефакти или легенди што се протегаат до римското владеење – преку османлиското владеење и дваесеттиот век, сè до денешни времиња и пандемијата на COVID-19, која е повод за навраќање на искуствата на Скопје со некогашните пандемии и историјата на грижата за здравјето во градот. Осамениот шетач Коцевски со овој ракопис оживува места и слики од речиси сите простори на урбаното живеење во Скопската котлина, низ различни историски периоди, во мирновременска и во воена состојба, приредувајќи му на читателот најразлични фотографски визури кон некогашните епизоди од патешествијата на местата низ кои денес чекориме, панорамски поглед над градот од минатите векови, макрофотографија врз рацете на занаетчијата, реконструкција на настанот од фотографија со карваните со камили, кои ги носат производите од Старата чаршија дури до Египет и Индија; првите организирани прошетки за запознавање со културното наследство на Скопје; премиерната претстава при отворањето на Младинскиот театар, спектакуларното надлетување на зградата кај „Југодрво“ од пилот чија љубовница живеела таму, но и поетски слики, кои ни го доловуваат некогашното гнездо на љубовта – скопскиот кеј, како во стиховите на денес заборавениот поет, Васил Икономов, од кои е извлечен насловот на изданието. Ракописот е драгоцено четиво за читатели со најразлични преокупации, кои од најразлични причини би сакале да дознаат повеќе и да нурнат уште подлабоко во своето проучување на градот Скопје. Страниците приредуваат патешествие низ факти, преданија и легенди и најнеочекувани аспекти од бележењето на историјата на еден град. Во нив се зачувани малите радости и дневните ритуали на луѓето во градот, примери и размислувања за деловна етика и професионалноста на луѓето од градот, историја на трговијата и бизнис идеи од минатото, историја на комуналната организираност на градот, совети за актуелните и за идните градски власти, историја на јавниот градски превоз, како и врвен пример каде да ги насочиме истражувањата, ако сакаме да го следиме примерот на нашиот современик, препознатливиот хроничар на градот. Во неговите дела ни стојат мапирани сите врутоци на информации за тоа што бил и за што допрва ќе осознаваме дека бил градот. Овековечени се разновременски патувачи што поминале низ него, но и денес живи градски енциклопедии, резервоари на информации и сеќавања, што ја прават книгата „Ако го сакаш Скопје – дојди, ќе те чекам на кејот“ од Данило Коцевски драгоцено надоврзување на неговиот неповторлив придонес кон хрониките на градот Скопје. Васко Марковски поет, патеписец и туристички водич
Едиција: Плочка| Формат: 205 x 205 мек повез

Данило Коцевски (1947–2020)
Био-библиографска белешка Данило Коцевски (1947–2020) основно, средно и високо образование завршил во Скопје, каде што дипломирал на Филозофскиот факултет. Како стипендист на Француската влада, една учебна година престојувал на Универзитетот во Бордо на Факултетот за книживности, каде што ја истражувал француската книжевност, особено книжевната критика и теоријата. Во Скопје бил асистент на Факултетот на интердисциплинарните студии по новинарство, каде што ги водел вежбите по предметот практика и теорија на новинарството. Бил претседател на Советот на „Рациновите средби“ во Велес, а во периодот од 2008 до 2012 година година бил и директор на светската манифестација „Струшки вечери на поезијата“. Првото професионално вработување му било во весникот „Млад борец“ веднаш по завршувањето на гимназијата. Во 1973 година се префрлил во културната рубрика во МРТВ, тогашната Радиотелевизија Скопје, каде што уредувал емисии од областа на културата, особено на издаваштвото и претставувањето на новите изданија. Истата година станува член на Друштвото на писателите на Македонија. Бил еден од иницијаторите за основањето на Институтот за македонска литература, заедно со Георги Сталев, Слободан Мицковиќ и Душко Наневски. Во 1982 г. е назначен за главен и одговорен уредник на едно од нашите најзначајни списанија за култура и литература „Разгледи“. Во текот на 90-тите години, заедно со група еминентни македонски писатели, го основал „Здружението на независните писатели на Македонија“. Познат е и како хроничар на градот Скопје, со неколку издадени книги и повеќе документарни и телевизиски емисии посветени на градот. Коавтор е на популарната телевизиска серија „Досие Скопје“ (2000 г.), а неговите бројни колумни за Скопје во периодиката стекнаа голема популарност и читаност. Со својата пасионирана дејност за градот, Коцевски спаси од заборавот стотици легенди, анегдоти и куриозитети поврзани со значајни настани и личности од историјата на македонската метропола и притоа самиот се вгради како една од скопските легенди. Досега има објавено околу триесетина дела од најразлични жанрови. Имено, Данило Коцевски, по својата долгогодишна критичко-теориска активност во 70-тите и 80-тите години, во 1989 година ја објави критичката книга „Поетиката на постмодернизмот“, прва од ваков вид во нашата критичко-теориска методологија и на тој начин, уште еднаш го потврди својот неприкосновен книжевен талент. Веднаш потоа ги објави кратките прози „Патување за Аркашон» и романот „Одисеј“, кој доби „Рациновото признание“ за најдобар роман во 1991 година. Објавил и неколку драмски текстови од кои некои се наградени со „Еразмо Ротердамски“ на конкурсот на МНТ 1999 г., а за улогата на Ештро во неговата драма „Од првиот здив“ (1995), артистот на „Драмскиот театар“, Диме Илиев, ја доби наградата „Ристо Шишков“ на театарскиот фестивал во Струмица. Добитник е на еминентни признанија од областа на книжевноста и публицистиката, a негови текстови се преведени на неколку светски јазици и се застапени во антологии. Дел од неговата библиографија: Книги од книжевната критика и теорија: „Да и Не“, Култура, 1981 г.; „За новите тенденции“, Наша книга, 1984 г.; „Сепак се движи“, Македонска книга, 1985 г.; „Критиката како заблуда“, Македонска книга,1986 г.; „Поетиката на постмодернизмот“, Култура, 1989 г.; „Антиномиите на критиката“, Мисла, 1992 г.; „Модерно и постмодерно“, Македонска книга, 1993 г.; „Нови есеи“, „Наша книга“, 2001; „Патишта на критиката“, Макавеј, 2009; и др. Романи: „Одисеј“, Култура, 1991 г.; „Ќе одиме ли кај Џо“, Детска радост, 1992 г.; „Јустинијана, градот кој го нема“, Култура, 1999 г.; „Роман за Ное“, Слово, 2003 г.; „Пиколомини пред портите на Скопје“, Три, 2005 г. Поезија: „Каде се раѓа песната“, Детска радост, 1992 г.; „Поетовата смрт“, Култура, 1995 г.; Драми: „Мистер Бекет“ („Од првиот здив“), изведена во Драмскиот театар во 1995 година, награда „Ристо Шишков“ за артистот Диме Илиев истата година; „Еразмо Ротердамски“, награда на конкурсот на МНТ за драмски текст; „Кабаре Скопје“, кабаретска претстава за некогашно и современо Скопје, изведена во МКЦ 2002 година, во продукција на Дирекцијата за култура и уметност… Книги за Скопје: „Патување за Аркашон“, Мисла, 1989 г.; „Магијата на Скопје“, Дирекција за култура и уметност, 1996 г.; „Го сакам Скопје“, Дирекција за култура и уметност, 2000 г.; „Чај од јужните мориња“, Магор, 2006; „Скопски легенди“, Дирекција за култура и уметност, 2017; „Ако го сакаш Скопје – дојди, ќе те чекам на кејот“, Бегемот, 2022. Книжевна критика и теорија: „Пикасо го изеде јаболкото, а тоа му рече благодарам“, Макавеј, 2018; „За книжевноста до последен здив“, Галикул, 2016; „Побуна на интелектуалците“, Улис 2004; „Интелектуалци, политика, култура“, Бегемот, 2021.
