Боб Дилан - Тарантула

Превод од англиски јазик: Кристина Димкова страници: 172 формат:180×110 цена: 300

Овој книжевен обид несомнено има силна енергија, зборовите како да скокаат по парчињата хартија создавајќи слики, останувајќи за кратко пред нас, за потоа да бидат заменети со нови и уште посилни. Најверојатно тоа би бил и најпрецизниот опис на Тарантула, низа од слики што како вагони од некој психоделичен воз се нижат низ свеста без намера долго да се задржат, но, сепак, да остават силен впечаток дека сме доживеале ново и поинакво читачко искуство. Текстот претставува дестилат на Дилановиот занес, ексцентричност, мудрост и имагинативна енергија. Експлодира пред нас како некаков вербален пандемониум. Воодушевеноста од Бит-движењето, од слободата на изразот на Бит-генерацијата, од експериментирањето со психотропни супстанции како креативен стимуланс можеби било она што го натерало Дилан да го напише ова експериментално парче проза преплетено со поезија. Надреалистичкиот стил (наводно во тој период Дилан обожавал да го чита Рембо) под силно влијание од Џек Керуак, Алан Гинсберг и Вилијам Бароуз, изведен со Џојсовата техника „тек на свеста“, ни најмалку не е спокојна литература за обичниот читател, туку динамична јазична анархија што напати сосема ја губи смислата. Брзата испресечена синтакса го прави јазикот напнат, го нарушува нормалниот тек на мислата и создава чудни и неочекувани идеи и слики.

Тарантула.pdf

Нарачај