Безистен - ништо поубаво од тишината

Безистен - ништо поубаво од тишината

„С

топ! Стојте! Не може вака! Па, ова е Стар град! Не смеете вака да постапувате!“ – свикал вознемирениот Адолф Циборовски, тогаш веќе проект-менаџер на Основниот урбанистички план на Скопје под покровителство на ОН, кога во Чаршија, скопската пазарска населба, ги видел советските булдожери. Оваа приказна од 1965 година, половина век подоцна ја слушнав од Мимоза Несторова-Томиќ, македонска архитектка и урбанистка, благодарение на која Чаршија го има денешниот изглед. „Ова е старо мјасто!“ – зборуваше на македонски проектантката, со повишен тон, имитирајќи ги мимиката и гестовите на Циборовски. 

Чаршија. Малку како сандак со фушерај, малку како ризница. Токму тука се роди мојата необична колекционерска страст.  Којзнае зошто, почнав да собирам стаклени и кристални тапи од бокалчиња. Распар. Најпрвин купив три. Само тапи. Бокалчиња со тапи воопшто не ме интересираа. Имам околу педесет тапи. Ги чувам во тегла, исто така од скопскиот пазар.

Првите месеци откако се преселивме во Скопје сѐ уште се губев во Чаршија. Нешто ми недостигаше. Потсвесно барав нешто. Омаено сновев по неа. Ги запаметував улиците, сокачињата, скверовите според стоките и предметите или според мирисите што ги нудеа таму. Главна беше улицата на печеното место (најдобри ќебапи, според мислењето на некои мои скопски познајници, има во кафеаната „Дестан“, други тврдат дека ниедни не може да се споредат со оние од „Турист“). Улица на баклавата. Примамлива, но преблага како за мене. Две попречни улици потаму, улица на штавена кожа и ремени. Го забрзував чекорот, зашто не го сакав нејзиниот мирис. Паралелна со неа, улица на развеани, фалтирани фустани и златни чевли на ѓонови високи до небото. Просто фантазија! А понатаму мирис на нафталин – напикан во волнени фолклорни чорапи, елеци, носии и килими. Чаршија ни најмалку не мириса на кардамон, анасон, каранфилче или ванила.

А како звучи? Улични свирачи и балкански ритами непрестајно се натпреваруваат меѓусебно. Се мешаат јазици. Се надвикуваат повици од светилишта. Истовремено, бијат камбани на цркви и завиваат муезини од снимки што ги пуштаат на уреди (дигитални?). Повремено, во дијалогот се вклучуваат улични кучиња. Завиваат долго и неуморно. Наводно, чувствителното уво може да ги улови и звуците на ударите на ѕвоното на часовникот, кои доаѓаат од Саат-кулата. Сепак, јас никогаш не сум ги слушнала. Понекогаш се сомневав дека саатот воопшто работи. Наводно го мери времето непрекинато од XVI век. Ала франга – во западен стил. „Па, во колку часот денеска ќе биде пладне?!“ – честопати збунетите дојденци ги прашуваа локалните жители што се водеа според движењето на стрелките на градските часовник, а во отоманско Скопје секоја заедница го мерела времето по свое, во согласност со своите религија и традиција.

На улицата со мирис на нагниена хартија се преминува меѓу купишта поштенски разгледници изложени за продажба, стари фотографии, антикварни печатени материјали во подоштетени рамки, мапи на веќе непостојни империи и портрети од маршалот Тито. Тито тука? Неговите проникливи зелени очи зјапаат во минувачите (ако се портретите во боја). Ричард Бартон, ѕвездата на повоеното кино, кој го играл Тито во една од југословенските мегапродукции (добро е да се знае дека Тито бил голем киноман), рекол дека тоа била неговата најтешка улога. Тешко му било да го улови променливиот поглед на Јосип Броз: „Ве молам да разберете: исклучително е тешко да се игра друг актер…“ – изјавил по премиерата.

Титоносталгија, односно носталгија за Југославија, „рајот на јужните Словени“. Македонците многу му должат на Тито, затоа кон него имаат голема почит. Тито, во надомест за учеството на Македонците во војната против фашизмот за време на Втората светска војна и за учеството во славните комунистички партизани, им ja дал толку сонуваната независност. Модерноста во сите форми била тоа со кое Скопје живеело кон крајот на ’40-те и во ’50-те години. Да се надоместат загубените „пет векови турско ропство!“ Ентузијастички и со преданост, за првпат ја граделе престолнината на својата држава, која била создадена во 1944 година во рамките на југословенската федерација. Пред да се случи тоа, и каменот им бил татковина… На јазикот што дотогаш ја споделувал со нив тешката и болна судбина, раскажувале за годините на ропството.

(…) Кој број ќе ми каже на лутите рани,

на пламнати ноќи, на пеплишта пусти,

кој на срце болки ќе изреди збрани,

и на очи солзи, и клетви на усти?

О тешкото! Синџир ти беше на робја,

од калеши моми и невести ред.

со врзани раце во плен што ги погнал

насилникот клет. (…)

Блаже Конески, Тешкото  

Спомените на Албанците и на Турците – исто така жители на оваа мултиетничка земја – за Тито не се толку радосни. Тие спомени се, може да се рече, амбивалентни. Албанците и Турците тврдат дека до почетокот на ’60-те години во државата на Тито биле граѓани од втор ред. Потоа „добриот Тито“ им дал автономија и права за кои дури не можеле ни да сонуваат во српското време или во комунистичка Југославија непосредно по Втората светска војна. Токму тогаш им дошло време да се збогуваат со својот град избирајќи емиграција. Најчесто во Турција. Тоа не била нова појава. Иселувањата и размената на население во масовни размери на Балканот започнале уште многу порано. Од XIX век Османлиската Империја, која ослабувала, ги губела своите територии, а ѓаурите – христијани (меѓу кои православните Словени) – ослободени од турскиот јарем, граделе нова империја врз руините на старата. Тоа го правеле во одмазда, не без задоволство. Отоманските остатоци требало да исчезнат. Се уривале анови, џамии, амами и медреси. Градежниците на „новите“ градови (според нивното поимање) се приближувале до сонуваната Европа. Кога во 1912 година во Скопје влегле српските војски, турските реклами над дуќаните во текот на неколку дена биле заменети со нови, испишани со кирилица, а турските градби, во слично темпо, требало да им отстапат место на оние што се граделе во чест на новите владетели. Така исчезнала Бурмали џамија од XV век, во полза на зданието на офицерското казино. Деновите на Камениот мост исто така биле одброени, но тогаш се раширила веста дека мостот стои на местото на византиски претходник. Тоа било итроштина, финта, „бела лага“. Немало претходник, но Србите поверувале во тоа. Па така, Камениот мост во нивното поимање веќе не бил „турски“ или „султански“. Бил „царски“ и од својот зачеток – „источноримски“.

Многу нешта се случија

додека земјата се вртеше

врз Божјиот прст.

(…)

Никола Маџиров, Многу нешта се случија  

Токму такво Скопје на два света виделе варшавските урбанисти што пристигнале во градот кон крајот на ноември 1964 година, за да го обновуваат по земјотресот. Требало да се запишат во историјата на ОН (значи на светот) како мозоци на спектакуларниот процес на обновата и изградбата на Скопје. Впрочем, еден град веќе воскреснале претходно – Варшава. Во меѓувреме, во писмата до семејствата со зборови полни со восхит ги опишувале своите први впечатоци. Во продавниците најдобрите светски марки парфеми, домашни апарати, одлични обувки и облека, италијански автомобили, врати што се отвораат автоматски, шарени неонки, прекрасна архитектура на облакодери што блештат од стакло и алуминиум… (а истовремено, на примитивните улички тезги со кромид, лук и семки од тиква, карвани со магариња и… овци чувани во подземни гаражи).

Земјотресот што го погоди Скопје утрото на 26 јули 1963 година уништи над 65% од градбите. До пристигнувањето на Полјаците градот веќе бил расчистен од руините, а старите, отомански населби на левиот брег на Скопје (во тоа време честопати нарекувани „скопски сламови“) полека се обновувале самите, со рацете на своите жители, Албанци, Турци или Роми.

Маѓепсани од Чаршија, Полјаците тогаш не ги разбирале докрај, како што самите признаваат денеска, сложените и замрсени меѓуетнички односи или идентитетската и пропагандна димензија на самата обнова и изградба на градот. Чаршија била стара и била вистинска. И затоа треба да биде спасена. Таа мисла ги водела. И токму благодарение на нив – урбанистите во голема мера регрутирани од Заводот за урбанизам на Варшава – историската пазарска населба била вклучена во зоната на новиот центар на градот. Вековните објекти требало безусловно да останат, а на варшавјаните многупати им се случувало да застанат во одбрана на муслиманските остатоци, за кои се правеле обиди, наспроти препораките, „да бидат исечени од урбанистичкиот план“. Времето покажало дека мачното наследство од петвековното ропство во Скопје имало многу среќа. Благодарение на новиот урбанистички план, создаден од меѓународни експерти под покровителство на ОН и под раководство на проект-менаџерот Адолф Циборовски, биле спасени од рушење историските населби од левиот брег на реката. За некои, сепак, „музејската“ Чаршија во центарот на македонската престолнина и понатаму останува трн во окото.

По земјотресот, градот го обновувале над осумдесет држави. Исток и Запад. Се повлекла Железната завеса. Многу големи имиња, експерти од областа на архитектурата, хидрологијата, сеизмологијата, социологијата или урбанизмот, учествувале во проектот на ОН. Од тоа имале корист младите македонски специјалисти, кои во оваа прилика се школувале кај најдобрите, на странски стажирања и стипендии. Токму на нивната бравура Скопје им го должи својот бетонско-бруталистички шлиф од крајот на ’60-те и ’70-те години, кој на градот му ја донел неформалната титула „престолнина на светскиот брутализам“.

Сепак, кога живеев во Скопје, во центарот од десниот брег на реката понекогаш ми беше тешко да издржам. Наметливите автомобили се однесуваат премногу дрско. Горештината и недостатокот на дрвја (исечени последниве години) беа мачни. На патот се испречуваа тараби и градежни скелиња на проектот „Скопје 2014“ (реконструкција на градот што требаше да се надоврзува на времето на Александар Македонски; за кратко, неколку зборови и за тоа). А во воздухот летаа топчиња од стиропорот на божем-античките фасади, симсови и капители што набрзина се лепеше на постојните градби, бидејќи центарот на градот уште еднаш ја менуваше кожата. Секој негов квадратен метар набабруваше, заситен од тазе дефинираната македонштина од страна на владејачите. „Make Macedonia great again“ – оваа мисла беше во основата на тој потфат. Нов идентитет. Национална гордост. Оградување од југословенското, комунистичко минато, чиј симбол било модернистичкото Скопје обновувано во ’60-те и ’70-те години. Лек за комплексите и отфрлањата. Таа опсесија за градење беше одговор на грчкото вето, т.н. грчко-македонски спор за името на државата, кој го блокираше приближувањето на тогашната Република Македонија до структурите на ЕУ и НАТО. Мат позиција што траела близу триесет години! Завршена дури пред четири години со потпишувањето на договорот и со промената на името (од февруари 2019 година, официјалното име на државата е Република Северна Македонија).

„Скопје 2014“ – мегаломанија во карикатура или карикатура на мегаломанија. Десетици (ако не и стотици) скулптури, нови зданија, мостови и фонтани ги заменија дрвјата. Не помина без протестите на бранителите на градот. „Шарената револуција“ ги извалка беспрекорно белите творби на проектот, зашто градските активисти фрлаа по зградите балончиња наполнети со фарба, ги пребојадисуваа оградите на мостовите, а на лавовите во фонтаните им ги мачкаа со црвено очните длапки и гениталиите.

Во таквите мигови на кумулација на емоции и експлозии на оправдан гнев на граѓаните, Чаршија даваше оддишка. Таму имав свое засолниште, без малку скривалиште. Безистен, односно покриен пазар. Напуштен. Успан. Со огромна грмушка рози, чиј опоен мирис сновеше по пустите патеки. А јас седев крснозе на турски начин (!), со грбот потпрен на ѕидот на еден од дуќаните. Најчесто невознемирувана од никого, сркав кафе (подготвено на македонски начин, односно „турско кафе“(!)), купено во некоја од соседните кафулиња. Воздухот што влегуваше низ портата, отворена ширум, даваше оддишка во горештината. Високите ѕидови на двокатните дуќани и работилници фрлаа сенка. „Трговците во дуќаните палат за гостите мирислив темјан и ги попрскуваат муштериите со розина вода. Просто на човека му се мати умот од мирисот на амбер, камфор и зумбули“ – напишал за ова место хроничарот и патник од XVII век, Евлија Челеби.

Тој безистен од XV век изгорел до темел во големиот пожар подметнат од Австријците, неполни триесет години подоцна откако го опишал Челеби. Скопје горело два дена, а генералот Пиколомини, потпалувачот што ја гледал огнената светлина над градот, го известувал својот цар за тоа дека заповедал да биде спален град со толку голема убавина (работата била завршена – опсадата на Виена од страна на ордите на Кара Мустафа била казнета соодветно).

Токму тука, во безистен, се зачувал „духот на времето“. Скопје, кое не го пронајдов веќе никаде на друго место во градот. Тишината и неподвижноста што владеат на ова место повеќе говорат одошто џагорот наоколу. „Замолкни ако не умееш да изразиш ништо поубаво од тишината“, велат луѓето од Истокот. Така, тишината е поплака на град на кој му се дере историјата. Растрбушуван од оние што немаат почит кон него. Дури и во сегашноста. Кога есента 2020 година градот се испусти поради пандемијата, во Чаршија вриеше од работници. Влезе тешка механизација. На интернет бргу се појавија фотографии од скалпираните улици. Се отстрануваше калдрмата со цел, во согласност со намерите на властите на населбата, да биде заменета со травертин. Модернизираните улици почнаа да изгледаат како под на гигантска бања, монструозен „скопски туш“ – така се пишуваше за него (патем, успешна споредба). Урамодернизација и промашени инвестиции (по кој пат веќе!). Неколку години претходно, исчезна за многумина култното место – клубот-кафуле „Менада“ (проектирана, заедно со целиот трговско-услужен комплекс, од страна на Мимоза Несторова-Томиќ, на местото на работилниците на котларската улица уништени од земјотресот). Скопската „Менада“ имаше лик и фигура на игрива танчарка од свитата на Дионис – бронзена статуетка што датира од VI век п.н.е., а пронајдена во околината на Тетово. Во „Менада“ го сретнав Миљенко Јерговиќ, хрватскиот писател и есеист роден во Сараево. На читателите им раскажуваше за малата загрепска Еврејка Рута Таненбаум, јунакињата на една од неговите книги, тогаш неодамна преведена на македонски јазик.

„Менада“ срушена. Калдрмата откорната. Нема ни трага од населбата на скопските Евреи задушени во гасните комори на Треблинка (за среќа, веќе неколку години, постои место што го овековечува нивното многувековно присуство). Денеска недостигаат многу траги… А безистен опстојува, веќе стотици години, точно на истото место. Тој е делче од синџирот на скопската ДНК, околу која нешто се мајсторисува постојано и бескрупулозно (елементи од нејзините преплетени нишки на Ориентот и Европа час се отстрануваат час одново се дополнуваат). Градбата им се спротивставила на катаклизмите и на историјата – на уривачите и на градежниците. Таа е квинтесенција на Скопје. Суштината на постоењето на овој град. Молчи. Се чини, слично како скопјани, во очекување на подобри времиња.

П.С. Оние изморените од очекувања и разочараните, си заминаа. Тоа го покажа неодамнешниот попис на населението на Северна Македонија.

Кинга Нетман-Мултановска

Прво објавување на текстот во списанието KONTYNENTY бр. 39, 1/2023

(Фотографиите од Безистен се направени од авторката во 2017 год.)

Превод од полски јазик: Филип Димевски

Кинга Нетман-Мултановска

Кинга Нетман-Мултановска – д-р по хуманистички науки, англист, дипломирала на Универзитетот „Адам Мицкевич“ во Поз­нањ. Лекторка по полски јазик во Киргистан и Грузија, културна менаџерка. Авторка и коавторка на публикации посветени на полските траги во Грузија и во Северна Македонија, кураторка и иницијаторка на изложби, настани и публикации поврзани со уметноста, архитектурата и полското кул­турно наследство во ­странство. Во годините 2014 – 2018 живеела во Скопје.

Препорачај ја книгата