Не постои нешто што може посликовито да ја оживее древната, заморна, очигледно бескрајна дебата на темата дали женската природа е побожна или демонска, одошто глетката на женско злосторство донесено пред лицето на правдата. Аветинските визии на ангелот на куќата кој стега нож или пиштол во раката ослободуваат рој фурии чиј вресок се слуша од нашата колективна потсвест рака под рака со стадото маченички. Истовремено, нашата одмаздничка страст или нашето побожно сожалување никогаш не се буди пострасно одошто кога изопачената злосторничка или неправедно убиените невини жртви се трогателно млади и убави.
Една ваква наводна злосторничка – двоен убиец, ни помалку ни повеќе – се наоѓа во срцето на амбициозниот роман на Маргарет Атвуд, „Алиас Грејс“. Неговата протагонистка е историска личност, озлогласената Грејс Маркс, убава, но несреќна ирска емигрантка која работела како слугинка во Торонто во четириесеттите години на деветнаесеттиот век. На возраст од 16 години била осудена за поттикнување на бруталното убиство на нејзиниот работодавец, Томас Кинир, и неговата бремена домаќинка и љубовница, Ненси Монтгомери. Отсекогаш постоел сомнеж околу невиноста или вината на Грејс – прашање кое Маргарет Атвуд вешто го преиспитува низ лупата на она што оттогаш го имаме осознаено за трауматизираната психа.
„Алиас Грејс“ ја има физичката тежина и тежината на авторитетот на роман од деветнаесеттиот век. Во својот делокруг, моралната сериозност, парадоксално обемниот и привлечен наратив, романот ја буди Викторијанската мода, истовремено зачинет со морничавите елементи и палавата мрачност на Готскиот стил – книжевните стилови на периодот во кој се случуваат настаните од романот. Интересно кај „Алиас Грејс“ е тоа што среде темите кои ги обработува (вина и невиност; совест и свест; Викторијанските поимања за злосторството; лудило; род и класа) се наоѓа комплексната и уникатна мистерија на индивидуалната личност.
Кој подобро би се фатил во костец со оваа загатка од Сајмон Џордан, амбициозен млад доктор од Масачусетс ангажиран од еден комитет на побожни добронамерници кои испраќаат петиции до Канадската влада барајќи помилување за кутрата и (по 15 години поминати во затвори и лудници) веројатно рехабилитирана Грејс? И покрај исповедта која била изнудена од неа при апсењето, таа тврди дека не се сеќава дека самата имала свој удел во убиствата извршени од мрзоволниот слуга, Џејмс Мекдермот, нејзиниот колега и наводен љубовник. Дали таа била активен соучесник или преплашен сведок? Поттикнат од научна љубопитност, наоружан со најновите теории за душевните болести, д-р Џордан се обидува да ѝ помогне на Грејс да си ја врати меморијата што шокот ја избришал.
Романот е раскажан од две перспективи, едната на Грејс, а другата на раскажувач во трето лице кој е претежно фокусиран на Сајмон Џордан. Воглавно, морничавата приказна на слугинката се расплеткува низ долгите разговори во кои докторот ја поттикнува да размислува за својот живот. Грејсината извонредно здраворазумска, темелна, често лирична перспектива нè води низ нејзиното сиромашно детство, потресното патување преку Атлантскиот океан и нејзината спокојна епизода на слугување на буржоазијата во Торонто – па сè до судбоносниот престој во селската куќа во која Томас Кинир живее во грев со Ненси Монтгомери.
Голем дел од наративот е прекрасно напишан и убедливо замислен. Атвуд успеала да ѝ најде специфичен глас и стил на Грејс, кој не делува усилено, анахронично или архаично. Автентичноста со која ја опишува речиси делиричната радост предизвикана од, да речеме, една свежа ’рдоква или тазе искубана кокошка кај една жена која преживува од скудната храна во затворот е фасцинантна. Впечатлив е начинот на кој Атвуд, преку гласот на Грејс, на елегантен и евокативен начин ги опишува едноставните домашни активности кои во минатото жените од помалку привилегираните класи ги извршувале со огромна посветеност и внимание:
„Кога имавме спрострено алишта надвор и првите капки ќе почнеа да паѓаат, ќе истрчавме со кошниците и ги собиравме сите колку што можевме побргу, потоа ги влечевме по скалите и одново ги спростиравме во сушалницата, бидејќи не смеевме да ги оставиме долго време да стојат во кошницата за да не мувлосаат. Навистина го сакав мирисот на алишта сушени надвор, тоа беше убав, свеж мирис; а кошулите и ноќниците кои се павтаа на ветрот во сончевите денови беа како големи бели птици, или ангели кои се веселат, ангели без глави. Кога истите алишта ќе ги обесевме внатре, на сивиот самрак во сушалницата, изгледаа поинаку, како бледи духови од самите алишта кои лебдат и треперат таму во мракот.“
Сложеноста на ритамот во кој Грејс и нејзиниот иден спасител танцуваат еден околу друг, како и бројните пресврти во заплетот, претчувства и неодговорени прашања бргу нè водат низ долгите описи на обичните дневни активности во затворот и собирите во салоните на Викторијанска Канада. Која е мистериозната Мери Витни? Што знае Џеремаја праматарот за убиството? Како повторливиот сон на Грејс со црвените божури е поврзан со нејзиното закопано знаење за грозоморното злосторство?
Дури кон средината на романот, кога Грејс раскажува за својата средба со необичното домаќинство на Кинир, се зголемува тензијата и заплетот доживува вистински моментум. Среде салонската учтивост и испрашувањето на пациентот, наеднаш се наоѓаме во жариштето на разгорена љубомора, омраза и опасност, во домаќинство измачувано од гревови, воздишки и тајни. Згуснатата мрачност и разгорените страсти во руралното домаќинство потсетуваат на некаква комбинација од Дафне ди Морије, Шарлот Бронте и Алис Манро. Наеднаш почетокот на романот избледнува пред огнот на понатамошниот наратив. И оттука романот добива драматичност и возбудливост која ве следи сè до крајот, а се разбира, романот не завршува на стр.550; тој останува со Вас уште долго време.
И без оглед на тоа што настаните опишани во романот се случуваат во деветнаесеттиот век, кога всушност феминистичкото движење за првпат се пробива во САД, Атвуд не би била Атвуд ако не го допре женското прашање. Со самиот факт дека Грејс не е осудена на истата казна како Мекдермот, а наводно го сториле истото злосторство, го покажува ставот на тогашното општество дека жената е покревка, послаба, како и недоволно здраворазумна за да ја разбере тежината на делото, дека е подложна на машкото влијание и оттаму не може да одговара за своите дела како маж. Иако ова ѝ оди во прилог на Грејс и ја спасува од бесилка, самата идеологија е токсично штетна на некаков си манипулантски начин, кој ги спречува жените да се борат за еднаквост со мажите, оти така би можеле да ги „изгубат своите привилегии“.
Носечкиот феминистички глас во романот е оној на Мери Витни, која е неверојатно силен женски лик и врши исклучително силно влијание врз Грејс, со оглед на тоа што таа немала силна женска фигура како пример во своето семејство. Очигледно е, низ романот, дека Мери Витни верува во способноста на жената да се пробива сама низ животот без маж, но истовремено е и свесна за реалната состојба во општеството во кое сè уште не е создадена клима за вистинска реализација на жената во согласност со нејзините способности. Слободна, во однесувањето како и во јазикот, силна, храбра, општествено и политички освестена, со револуционерен дух, таа претставува модел за Грејс, ја „зема под закрила“, како што самата Грејс му кажува на д-р Џордан и значително ѝ го менува карактерот на младата слугинка која нема никаква помош, ниту заштита од семејството.
Во овој историски период било исклучително важно да се биде силна и независна жена, особено ако припаѓате на пониската класа поради изразената мизогинија во општеството, која се чувствува и кај главните машки образовани ликови во романот, а уште побрутално и отворено кај необразованите мажи, како, на пример, чуварите во затворот:
„Охо, вели едниот, тоа го сакам кај една жена, енергија, малку оган, велат дека иде заедно со црвената коса. А црвена ли ти е каде што е најважно, вели другиот, огнот на врвот на дрвото не е многу корисен, мора да биде во каминот за да испушти доволно жештина, како шпорет, знаеш зошто Господ ги направил жените со здолништа, за да можат да им бидат кренати врз глава и врзани одозгора, така нема да слушаш многу врева од нив, мразам курва што писка, жените треба да се раѓаат без усти, корисни се само од половината надолу.“
Ваквиот речник, иако премногу брутален, сепак, кога е излезен од устата на вработен во јавна институција, јасно го покажува ставот на целото општество кон жените, особено кон оние кои се нашле во некаква немилост.
Во стилот на Атвуд, читателот е активната компонента на романот, кому му се понудени парченцата од мозаикот на романот, а тој треба да ги поврзе, напати и на интуитивно ниво, во недостаток на докази. Читателот не е мрзлив, пасивен голтач на букви, ами активен составувач на приказната.
Култниот роман „Алиас Грејс“ на Маргарет Атвуд е достапен во издание на Бегемот. Превод од англиски јазик: Кристина Димкова.